17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЕЛЕМ реагира: Ние не сме компанија ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на СДСМ

АД ЕЛЕМ испраќа остра реакција на соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ, во кое, како што велат, се упатуваат неосновани и неиздржани критики за работењето на компанијата. Од ЕЛЕМ оценуваат дека таквите коментари се уште понелогични кога ќе се земе предвид историски најголемата добивка на АД ЕЛЕМ во 2018 година од речиси 30 милиони евра за која информирале вчера.

„АД ЕЛЕМ не е компанија ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ ниту на која било друга политичка опција, туку е компанија на сите граѓани на Р. Северна Македонија. И наместо најголемиот профит што го направила компанијата од своето постоење и што е профит на сите граѓани на Р. Северна Македонија да биде поздравен, најмалку што се очекуваше денеска е да биде направен обид тој успех да биде минимизиран со неиздржани и неточни информации. Ако со ова се сакаше да се покрие работењето на компанијата во изминатите години кога АД ЕЛЕМ работело дури и со загуба од 14 милиони евра во одредена година, тоа е некоректно кон самата држава и граѓаните со оглед на тоа што компанијата ни припаѓа на сите нам.
Во однос на тоа како АД ЕЛЕМ раководи со водните ресурси во акумулациите доволно зборува фактот што од продажба на произведените вишоци електрична енергија во 2018 година остварен е приход од 21 милион евра преку одлично изведените и синхронизирани продажби на вкупно 353.320 MWh енергија, со просечна цена речиси 50 отсто повисока од регулираната цена на електричната енергија.

Исто така, сакаме да потенцираме дека компанијата не се користи за згрижување и плаќање на семејствата на функционерите на власта, туку во компанијата се вработени стручни лица што помагаат за нејзино успешно и профитабилно работење, што се докажа во 2018 г. Сите вработени во АД ЕЛЕМ, од прв до последен, без оглед на нивната партиска, политичка или верска припадност, се стручни за својата работа и придонесоа и продинесуваат за успешното работење и за постигнатата добивка од 30 милиони евра во 2018 година.

АД ЕЛЕМ е уверено дека овие изнесени лаги и невистини уште повеќе ќе ги поттикнат нашите 4.700 вработени со своето домаќинско и одговорно работење да постигнат уште подобри резултати во иднина“, велат од ЕЛЕМ во демантот.