20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ ја уништил економијата

Власта на СДСМ и Зоран Заев ја уништи македонската економија и им донесе сиромаштија на македонските граѓани, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, додека државата се наоѓа на економското дно, функционерите се богатат на грбот на граѓаните користејќи државни грантови, тендери и ги вработуваат своите блиски во државните институции за високи плати.

„СДСМ тотално потфрли на економски план. Заради лошите економски политики на власта, граѓаните се борат за парче леб, а доколку продолжи ваквиот тренд половина од граѓаните благодарение на СДСМ ќе бидат доведени на питачки стап. Откако криминалниот картел ја води државата постојано расте сиромаштијата. Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а власта дополнително удира по нивниот џеб и си ги згрижува своите мајки, татковци, сестри, браќа но и фризерки со парите на граѓаните“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата додава дека поради задолжувањата, за прв пат јавниот долг надминал 5 милијарди евра и ја преминал психолошката граница од 50 проценти.

Според ВМРО-ДПМНЕ, економиите од регионот бележат значителен раст, додека македонската eкономија е последна со мизерен раст од 2,05 процент.

„Дека СДСМ се неспособни говори и фактот што во јануари реализацијата на капиталните инвестиции изнесува срамен 1%, а извозот бележи пад од 1,9% споредено со минатата година. Да биде уште потрагично имаме пад од дури 12,6 проценти во ИТ индустријата“, додава ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.