11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Анѓушев на “Топ Тема”: 625 милиони евра се реални инвестиции во Северна Македонија

Инвестициите од 624,49 милиони евра во 2018 година се реални и тоа го покажуваат бројките на Народна банка, чија методологија е иста во изминативе 10 години. Тие бројки покажуваат дека инвестициите од минатата година се 276% повеќе од просекот на претходните 8 години и скоро дупло повеќе од најдобрата година во изминатите 10, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев, вечерва во дебатната емисија „Топ-тема“ на ТВ Телма.

– Тие што тврдат дека овие средства се реинвестирани, читаат половично. Во извештајот на Народна банка има категорија „Сопственички капитал и реинвестирани средства“. За 2018 година, такви се 495 од овие 624 милиони. Сопственички капитал се средствата што компаниите ги донеле од странство во Македонија за да градат тука фабрики. Такви се и овие над 80 милиони евра за кои денеска видовме дека се донесени во ФЕНИ. Ако споредиме со претходните години, лани такви средства биле 181 милион од 218, во 2016 година 293 од 338 милиони, во 2015-та 100 од 216 милиони – објасни Анѓушев.

Тој додаде дека дури и реинвестираните средства се добри, зашто значат доверба кај инвеститорите.

– Ние како Влада сме посветени сите инвеститори, не само странски туку и домашни, да ги охрабриме да инвестираат. Веќе и во делот на домашните инвеститори бројките се добри – рече тој.

Според вицепремиерот за економски прашања, членството во НАТО има заслуги за порастот на инвестициите, но дека тоа не е доволно само по себе.

– НАТО има големо влијание. Основни услови за развојот на која било економија се владеење на правото, стабилна држава и постоење на одредена бизнис-клима. Со влезот во НАТО, мислам дека многу се направи за стабилноста на државата. Но НАТО само по себе нема да донесе многу, ако ние не знаеме тоа да го капитализираме со добри програми, добра политика кон инвеститорите и со атрактивни мерки, бидејќи целиот свет ви е конкуренција и вие мора да се борите со целиот свет – рече Анѓушев.