15.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маргинализирани групи бараат законот за заштита од дискриминација да се донесе пред претседателските избори

Лицата со попреченост, сиромашните, ЛГБТ-заедницата, Ромите и другите маргинализирани групи на граѓани преку 92 граѓански здруженија бараат итно да се донесе законот за спречување и заштита од дискриминација, кој осум месеци чека да влезе во собраниска процедура.

Тие очекуваат дека овој закон ќе помине пред претседателските избори, а доколку тоа не се случи, најавија дека ќе продолжат со притисокот во јавноста.

Граѓанските здруженија сметаат дека предрасудите на извесни пратеници во Собранието го попречуваат донесувањето на овој закон со европско знаменце, кој е од посебна важност за инклузијата во општеството и граѓанските права.

„Со законот се предвидува и ослободување од плаќање трошоци за судски такси за граѓаните што ќе поведат постапка за дискриминација и се овозоможува тужба за заштита од јавен интерес. Во предлог-законот, конечно, се додадоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи на дискриминација, а се проширија и доуредија облиците на дискриминација, експлицитно се препозна сегрегацијата како облик на дискриминација, што е од исклучително значење за Ромите и луѓето со попреченост. Со одолжување и блокирање на донесувањето на овој закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции“, истакнаа граѓанските организации на денешната прес-конференција пред Собранието.

Од таму велат дека иако претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, Влатко Ѓорчев, не го става законот на дневен ред, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, има можност да направи привид и да го стави законот на гласање на пленарна седница.

„Иако добивме ветувања од некои пратеници од ДУИ дека ќе го поддржат овој закон, сепак и натаму оние на кои им пречи ЛГБТ-заедницата не дозволуваат законот да биде изгласан“, истакнаа организаторите и поддржувачите на седум мрежи на граѓански организации и 92 здруженија и фондации што ги застапуваат правата на разни групи граѓани што се соочуваат со дискриминација, како здруженија на Роми, жени, луѓе со попреченост, ЛГБТИ, сиромашни и социјално исклучени граѓани, здруженија на разни групи пациенти, сексуални работници, луѓе што живеат со ХИВ, луѓе што употребуваат дроги, младински организации, мултикултурни здруженија, здруженија што работат на ЕУ-интеграција и се застапуваат за демократизација на општеството во повеќе области.

(Makfax)