17.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Судот на ОН пресуди дека Велика Британија незаконски ги окупирала островите Чагос

Велика Британија незаконски окупирала група острови во Индискиот Океан кои му припаѓаат на Маурициус, пресуди Меѓународниот суд на правдата (МСП), пренесува РТ.

Целокупното население на архипелагот Чагос било избркано од Британците помеѓу 1967 и 1973 година за да се направи простор за американската база на Диего Гарсија, која е единствениот населен дел од архипелагот денес.

Велика Британија претходно го признала архипелагот како дел од Маурициус, но ги издвоила островите како предуслов за давање независност на поранешната колонија.

„Судот заклучи дека, како резултат на незаконско издвојување на архипелагот Чагос и негово незаконско припојување во нова колонија, процесот на деколонизација на Маурициус не бил законски завршен кога Маурициус прогласил независност во 1968 година”, се вели во издаденото советодавно мислење на МСП во понеделникот, во кое се додав дека Велика Британија има обврска што побрзо да стави крај на својата администрација на архипелагот Чагос.

Тринаесет од 14 судии на панелот застанаа на страната на Маурициус во советодавното мислење побарано од Генералното собрание на ОН. Единствениот судија што се издвоил е од САД. „Гардијан“ ја нарече пресудата понижувачки удар за британскиот престиж на светската сцена.

Документите цитирани од МСП покажуваат дека Лондон му кажал на Вашингтон дека кога воените објекти ќе бидат изградени на Диего Гарсија, таму нема да има локално население. Околу 1.500 островјани биле депортирани од архипелагот до 1971 година за да се направи простор за американската база, и им било забрането да се вратат.

Во жалбата до Генералното собрание на ОН лани, Маурициус тврдеше дека со поделбата била прекршена Резолуцијата 1514 на ОН од 1960 година, со која се забранувало растурање на колониите пред да им се даде независност.

„Ова е историски момент за Маурициус и за целиот народ, вклучувајќи ги и жителите од Чагос кои беа безусловно отстранети од својата татковина и спречени да се вратат во последниот половина век. Нашиот територијален интегритет сега ќе биде заокружен, и кога тоа ќе се случи, жителите од Чагос и нивните потомци конечно ќе можат да се вратат дома”, рече премиерот на Маурициус, Правинд Кумар Југнаут, коментирајќи ја одлуката.

Тој, исто така, ја нарече пресудата историски момент во напорите да му се стави крај на колонијализмот”.

Лондон се обиде на различни начини да ги спречи жителите на Чагос да се вратат дома, плаќајќи им 4 милиони фунти на речиси 1.400 од нив во 1980-тите и воспоставувајќи ексклузивна поморска област.

Коментирајќи ја пресудата, портпаролот на Форин офисот посочи дека одбранбените објекти на британската територија во Индискиот Океан, како што Лондон ги нарекува островите Чагос, помагаат да се заштитат луѓето во Велика Британија и во светот од терористички закани, организираниот криминал и пиратството”.

Спонзорирано: