18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поради дрога, уапсен Србин, кој во земјата нелегално престојувал од 2013

Обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка во три одделни предмети оформени против лица кај кои при претрес била пронајдена марихуана.

Кај еден од осомничените е пронајдена марихуана со тежина од 400 грама, што ја криел во куќа на свој роднина. Осомничениот е државјанин на Република Србија, од каде што преминал во нашата држава и од 2013 година тука илегално престојувал. За осомничениот, српските органи имаат распишано меѓународна потерница за сторени други кривични дела.

Кај второто лице, жител на Гостивар, биле пронајдени 10 грама марихуана, а во третиот предмет, осомничениот, кој е жител на кичевско село, во својот дом криел 29 грама марихуана и 39 семки од растителна материја од непознато потекло.

Од Обвинителството информираат дека лицата се осомничени за сторени кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Јавниот обвинител донел наредба за вештачење на пронајдениот материјал, а Обвинителството до судија на претходна постапка за сите тројца осомничени побарало изрекување мерка притвор ценејќи дека се исполнети основите, при што судијата од Основниот суд во Гостивар на сите тројца им определил мерка притвор во траење од 30 дена.