14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Словенија ќе биде втората земја што ќе го ратификува протоколот за НАТО

Во продолжение на официјалната посета на Република Словенија, претседателот на Собранието,Талат Џафери, и делегацијата се сретнаа со словенечкиот премиер, Марјан Шарец.

На средбата заедничка констатација беше дека развојот на билатералните односи без отворени прашања е основан врз духот на пријателството, силното стратешко партнерство и долгогодишната конструктивна соработка и поддршка на билатерален, регионален и мултилатерален план.

Претседателот Џафери изрази благодарност за постојаната поддршка што земјава ја добива од Словенија на нејзиниот пат кон реализирање на стратешките цели, членството во НАТО и Европската Унија, притоа укажувајќи дека Република Словенија е наш прв промотор во Обединетите нации во времињата исполнети со предизвици, како и дека одиграла клучна улога во промовирањето на независноста на земјава во Европа и во светот.

На почетокот на средбата премиерот Шарец ја поздрави храброста на Македонија за преземените чекори кон евро-атланската интеграција. Тој истакна дека земјава е позитивен пример за постигнување заеднички решенија преку дијалог од кои ќе имаат придобивка сите земји во регионот. Укажувајќи на долгиот пат што ни претстои како држава кон полноправното членство во европското семејство, тој ја понуди пријателската помош на Република Словенија за што се подготвени да го споделат своето искуство и знаење во текот на интеграцискиот процес.

Претседателот Џафери истакна дека парламентарното мнозинство и Владата, свесни за безбедносните предизвици во регионот и поставените долгогодишни стратешки цели на нејзините граѓани, се определи за надминување на отворените прашања со соседите. Тој истакна дека процесите не се воопшто лесни, но на наше задоволство финалниот резултат е широко поздравен од меѓународната заедница и нашите пријатели. Тој ја поздрави визијата на Република Словенија за интегриран и стабилен Балкан во НАТО и ЕУ, како и заложбата за просперитетен регион без конфликти и отворени прашања. Претседателот Џафери ја потенцираше успешноста на состаноците од Процесот Брдо – Бриони, како и за тоа дека земјите учесници пред сè мора да соработуваат, да се сплотат регионално и да изградат меѓусебна доверба како чекор пред нивната целосна европска интеграција.

Премиерот Шарец изрази задоволство што Република Словенија ќе биде втората земја по Грција која ќе го ратификува протоколот за пристапување во НАТО и искажа убедување дека со овој чекор нашата земја ќе почне ново поглавје на градење на европски вредности кои гарантираат подобар живот за сите граѓани на Република Македонија, како и безбедност за странски инвестиции, а со тоа и зајакнување на економијата во нашата земја.

Претседателот Џафери потенцираше дека по ратификацијата на протоколот за пристапување во НАТО од страна на националните парламенти на земјите членки, се очекува Република Македонија да стане 30-та членка на НАТО до крајот на 2019 година или почетокот на 2020 година, а со тоа да се оствари и долгогодишната цел на сите граѓани на нашата земја.На крајот на средбата соговорниците се согласија дека односите меѓу двете земји се на високо ниво и дека има простор да се интензивира и продлабочи економската соработка.

Спонзорирано: