17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МИОА, МП и Академијата за судии и јавни обвинители потпишаа меморандум за соработка

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители потпишаа меморандум за соработка.

Целта на меморандумот е зајакнување и унапредување на конзистентната примена за Законот за општата управна постапка и Законот за управните спорови. Ова произлегува и од оценката на Европската комисија за административна правда.

„Но, ова не го правиме ниту за ЕУ ниту за кој било друг. Ова го правиме за граѓаните. За граѓаните да не заглавуваат во административните лавиринти поради недоволно познавање на законите или недоволна координација помеѓу институциите што водат управни постапки, како и правосудните органи што одлучуваат по нив“, потенцира министерот Дамјан Манчевски.

Како што истакна Манчевски, МИОА утврдува листа на учесници на обуките од редот на вработените. Листата на обучувачи што ќе ги спроведат обуките, како и програмата на обуките, ќе ја утврдуваат трите институции заедно за да бидат сигурни дека експерти од оваа област ќе го пренесат своето знаење.

Министерката за правда, Рената Дескоска, информира за новите измени во Законот за правните постапки.

„Целта е да се скрати процедурата, односно Управниот суд да одлучува мериторно. Тоа ќе резултира со ефикасна судска постапка, а управните судови ќе мора да го решат спорот и да кажат кој е во право. Со овој меморандум ќе ги обучиме и запознаеме административните службеници и судовите за начинот на кој тие треба да постапат во управните постапки и управните спорови. Со тоа создаваме поефикасни постапки и граѓаните побргу ќе дојдат до административна правда“, рече министерката Дескоска.

Како што потенцира таа, новина е и воведувањето јавна главна расправа, како што е праксата во граѓанските и кривичните судови, каде што на граѓаните им се овозможува простор да ги изложат своите аргументи „за“ или „против“ постапката.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска, се осврна на вклученоста на Академијата во процесот на обуките.

„Особено е важен овој организиран одговор на потребите на граѓаните во управните постапки. Академијата ги остава на располагање сите капацитети од едукативна природа со цел да се гарантираат квалитетни и успешни обуки“, истакна Габер-Дамјановска.