14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демократски сојуз: Потребни се реформи и работа

Не намалувајќи ја важноста на претседателот на Република Македонија, Демократскиот сојуз смета дека претседателските избори треба да се одвиваат во фер политички натпревар и без парализа на реформските процеси кои се предуслов за ратификација на протоколот за полноправно членство во НАТО и започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ.

„Во оваа насока Демократскиот сојуз инсистира на следното: робусна и ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата, посебно против институционалниот криминал, државата мора на ефективен начин да се справи со сите што ја попречуваат правдата и ефикасната борба против криминалот, реформа на правосудниот систем, преку преиспитување на работата на секој судија и обвинител, како и носечките кадри во службите за безбедност“, се вели во соопштението на партијата.

Според нив, без расчистување на монтираните политичко-судски процеси, судиите и натаму ќе бидат инструмент на партиите и криминалните политичко бизнис-групации, за остварување на нивните цели.

„Реформите на безбедносните служби треба да бидат суштински и во чекор со современите трендови, кадровската обнова и воспоставување цивилна контрола над нив. Работната верзија на Законот за внатрешно разузнавање треба целосно да се преработи и во подготовката да се вклучат експерти познавачи на разузнувањето и системот за безбедност во целина. Администрацијата треба да биде ефикасен сервис на граѓаните и гарант за стабилност и функционирање на државата“, велат од ДС.

Од партијата велат дека потребно е и да се разработи и стратегија против лажните вести и партиско-манипулативните „медиуми“.

„Државните институции мораат следните четири месеци да постигнат резултати, доколку сакаме да фатиме чекор со европските вредности и стандарди и Македонија да биде на ‘брзата лента’ за членство во Европската Унија“, велат од ДС.