17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мерки за воспоставување на центри за административни услуги во сите општини во државата

Министерството за локална самоуправа денеска ја презентираше Анализата за воспоставување на сервис центри во сите општини, подготвена во соработка со УНДП.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, истакна дека е ова првиот чекор кон реализација на приоритетот за подобрување на испораката на административните услуги на локално ниво на стандардизиран начин, од едно место.

„Станува збор за голем проект кој што бара и големи финансиски средства, но и тесна соработка и координација меѓу двете нивоа на власт, меѓу надлежните институции, експертската јавност и секако, со донаторската заедница. Нашата крајна цел е да се воспостават унифицирани Центри за услуги во сите 80 општини, кои што ќе обезбедат ефикасен, економичен, едноставен и пред се предвидлив пристап до услугата. Без чукање на различни врати, со точно утврдени рокови и сосема јасен патоказ за начинот на испорака на административната услуга од надлежност на локалната самоуправа. На овој начин значително ќе се подигне квалитетот во испораката на административните услуги на локално ниво, но и ќе се стесни просторот за судир на интереси и корупција“, рече министерот Фазлиу.

„Императив за властите е да го трансформираат дизајнот и испораката на јавните услуги со користење на дигитални технологии во јавниот сектор. Денешната презентација на Анализата за центрите за услуги и ВЕБ платформата Отворени за вас се примери на иновативни / технолошки решенија за модернизација во обезбедувањето јавните услуги“, рече постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакијан.

Презентираната анализа за воспоставување на Центри за услуги содржи пресек на моменталните капацитети на општините. Во 17 веќе функционираат сервисни центри кои што биле воспоставени од донаторската заедница на почетокот на процесот на децентрализација, но и тие општини имаат потреба од надградба на системите, рече експертот Данчо Узунов.

Исто токлу општини се изјасниле дека ова прашање им е приоритет, располагаат со административен простор но немаат средства за реализација, десет општини изразиле интерес, но се изјасниле дека немаат ниту средства ниту соодветен простор, осумнаесет не го третираат прашањето за приоритетно, пред се поради немањето на сопствени финансиски и човечки ресурси, а исто толку не изразиле став.