17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев две години повторува лаги и народот веќе знае дека тој нема ништо да постигне

Зоран Заев и покрај општото фијаско во економијата продолжува да лаже, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното обраќање на Заев и Кочо Анѓушев на трибината во Велес. Додаваат и дека Заев го нанел најголемиот национален пораз на државата, неколкукратно го погазил Уставот, законите и процедурите, при носење на законот за двојазичност, а ги погазил и граѓаните при промената на името.

Од опозициската партија велат дека Заев ветил просечна плата од 500 евра уште пред две години и досега не го реализирал ветеното.

„Просечна плата од 500 евра со СДСМ нема да има, исто како што нема почист воздух. Повратот на 15% на ДДВ Заев го најави уште пред две години и не го реализира, но тоа не го спречува безсрамно пак да го ветува. Заев ги повторува истите лаги кои ги кажуваше пред две години, но сега народот веќе знае дека Заев нема да постигне ништо“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, државата две години тапка во место, а минатата година власта на СДСМ реализирала само 65 % од предвидените капитални инвестиции, што, како што велат, е срам за државата и показател за неработа и неспособност.

„Заев вети 600 километри нов автопат, 500 километри магистрални патишта и 1200 километри локални патишта, ништо од тоа не ни започна да гради, две години имаше застој, за сега да продолжи со довршување на проектите, кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна“, се наведува во реакцијата.

Од партијата порачуваат дека на граѓаните им е преку глава од лагите на Заев, поради што СДСМ мора да си замине за државата да тргне напред.