17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СУБВЕНЦИИМАКЕДОНИЈА

Макрадули: Субвенциите за електрични и хибридни возила се дел од планот за почист воздух

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска во рамки на настанот „Ден без возила на фосилни горива“ на дискусијата на тема „Како до зголемување на електромобилноста“ во својата презентација даде споредбена анализа на моменталните состојби со електромобилноста кај нас и во светот. Притоа, тој стави акцент на мерките кои Владата ги презема за поттикнување на набавката на електрични и хибридни возила. Тоа, како што рече, ќе се постигне со субвенционирање на дел од цената од финансиските средства собрани од еколошките такси.

Целта е преку замената на застарениот возен парк да се намали загадувањето од транспортот, со што директно ќе се влијае врз намалувањето на аерозагадувањето во урбаните средини, што соодветствува и со Планот за чист воздух на Владата.

„Моментално според анализите транспортот учествува со 20% во аерозагадувањето, но доколку ништо не се превземе неговиот удел во загадувањето на воздухот многу брзо ќе стигне до 56%. Затоа поради ваквите моментални состојби, Владата е силно посветена и постојано работи на имплементирање на мерки и подобрување на законите во согласност со реалните европски искуства за да ги подобриме квалитетот на воздухот, состојбата со животната средина, а секако и за да фатиме чекор со останатите европски развиени држави“ , рече Макрадули во своето излагање.

Во панел дискусијата организирана од ПроКредит Банка со свои излагања учествуваа и Стефан Богоев, градоначалник на општина Карпош, Емилија Спировска претставник од Управниот Одбор на банката, како и претставници од „Порше“, ЕВН, Електромобилност Македонија и МЕПСО.

Настанот „Ден без возила на фосилни горива“ беше организиран со цел да се поттикнат и инспирираат граѓаните и бизнис заедницата да работат на унапредување на електромобилноста во државата како начин за намалување на загадувањето на животната средина во урбаните средини.

Со цел да се потенцира неопходноста од намалувањето на употребата на автомобили со погон на фосилни горива, за времетраењето на настанот, дел од улиците покрај СРЦ „Борис Трајковски“, беа трансформирани во Зелени улици, каде им беше овозможено да поминуваат и паркираат само на електрични и хибридни возила.