23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Владата од утре ќе ги укине препораките за граѓаните поради загадениот воздух

Присуството на штетните ПМ10 честички вчера бил под прагот од 188 микрограми на метар кубен во Скопје, Битола, Гостивар и Тетово и поради тоа Владата од утре ќе ги укине мерките и препораките кои важат во услови на екстремно загадување на воздухот. Засега нема информација дали се укинува и бесплатниот автобуски превоз и дали распустот на учениците ќе биде продолжен. Во Струмица, мерките и препораките остануваат на сила.

„На ден 21 јануари среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 микрограми на метар кубен, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово. Исто така, Ве информираме дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат на мерното место Струмица и таму остнауваат на сила препораките и мерките“, соопштија од Владата.

Среднодневната концентрација на ПМ10 честичките на метар кубен во Струмица на 20 јануари била 376, а на 21 јануари – 199. Според СЗО, пак, дозволената дневна концентрација на штетните ПМ10 честички е 50 микрограми на метар кубен.

Од утре се укинуваат следните препораки и мерки: работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, потоа препораката за ограничување на работите на градежните објекти и препораката до Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила.

Се укинуваат и препораката сите работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот и препораката да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Исто така се укинува и препораката до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.