14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Блумберг“ за тоа што ќе искористи Вучиќ од посетата на Путин

Во пресрет на посетата на рускиот претседател на Белград, американската агенција „Блумберг“ пишува дека српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе настојува тоа да го искористи и да обезбеди поддршка од Москва за постигнување договор за Косово, пренесуваат српските медиуми.

Рускиот претседател во Белград, како што пишува агенцијата, ќе го поздрави владеачката партија СНС, со собир кој ќе го истакне конфликтниот пристап на Србија кон придружувањето кон ЕУ. Како што оценува „Блумберг“, Вучиќ се обидува да даде сигнал дека не прифаќа противење на ЕУ на договорот со Косово за разграничувањето.

Агенцијата наведува дека Вучиќ и Хашим Тачи се свртеле кон Москва и Вашингтон поради поддршка на таквиот договор. Се наведува дека Вучиќ во 2012 година балансирал меѓу ветување за европска интеграција и одржување срдечни врски со Русија.

Неговиот однос со Путин е особено близок, оценува агенцијата и додава дека двајцата претседатели се сретнале повеќе од 10 пати и дека Русија му доделила на Вучиќ едно од своите најголеми признанија. Овој однос, како се наведува во анализата на „Блумберг“, сега игра улога додека Србија се обидува да направи промена во разговорите со Косово.