8.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Условна затворска казна за лицата што криеја Косовка во багажник

Условна затворска казна добија две лица од Македонија и Косово, кои на 7 јануари се обидоа нелегално да внесат косовска државјанка во Македонија, која се криеше во багажникот на автомобилот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција склучи спогодби со две лица обвинети за шверцување мигранти. На 23-годишниот македонски државјанин и 19-годишната косовска државјанка им се изречени условни казни затвор во траење од една година, кои нема да се извршат доколку обвинетите не сторат ново кривично дело за време од три години. Воедно, на девојката ѝ е утврдена и казна – протерување од територијата на Република Македонија во траење од две години.

Обвинетите беа фатени на 7 јануари на граничниот премин Долно Блаце при влез во Република Македонија.

По претходен договор, обвинетиот со автомобил „мерцедес“ бил дојден во Приштина, каде што го чекале обвинетата и нејзината другарка. Со цел да се прошетаат, тројцата се упатиле кон Скопје. При наближувањето кон косовскиот граничен премин другарката ги информирала обвинетите дека не поседува документ за идентификација за да ја премине границата. Тогаш обвинетата ја убедила да влезе во багажниот простор на возилото. Обвинетите, заедно со дваесетгодишната скриена девојка, успеале да ги поминат границата на косовската страна и службата за проверка на лична идентификација на македонската граница.

Но, при рутинска контрола на македонските царински службеници, обвинетиот соочен со фактот дека се проверуваат возилата, признал дека во багажниот простор се наоѓа девојка без документи за идентификација.

На обвинетите им беше одреден краткотраен притвор, а девојката што илегално влегла во Република Македонија беше привремено задржана во прифатен центар за странци и по дадениот исказ пред обвинител е вратена на територијата на Косово.

Надлежниот јавен обвинител, имајќи ги предвид возраста на обвинетите, нивното изразено жалење и каење поради стореното кривично дело, нивното коректно однесување во текот на кривичната постапка, како и придонесот кон нејзиното ефикасно завршување, ценеше дека се олеснителни околности за склучување на спогодбите и одмерување на видот и висината на изречените казни. Судијата на претходна постапка ги прифати поднесените предлог-спогодби и донесе пресуда со која на обвинетите им изрече условни осуди.

Спонзорирано: