17.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дадеме легитимитет за промената на Уставот

Република Македонија се наоѓа пред финалниот акт на црното и срамно сценарио на Зоран Заев и СДСМ за промена на името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата, вели ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Опозициската партија обвинува дека премиерот Зоран Заев и СДСМ ги продале националните и државни интереси и ги погазиле Уставот, законите и волјата на македонските граѓани.

„Зоран Заев и СДСМ се решени да уништат сè што е македонско и затоа насилнички и со закани и уцени врз пратеници и нивните блиски ја доведоа Република Македонија до финалниот чин за промена на Уставот со цел промена на уставното име. За нив не важат законите, не важат демократските процеси, а ниту, пак, важи јасно искажаната волја на граѓаните на Република Македонија на неуспешниот референдум кога јасно порачаа дека се против промената на името на државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата понатаму обвинува дека власта две години нема сработено ништо и е фокусирана единствено на промената на името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата. ВМРО-ДПМНЕ повторува дека нема да учествува во процесот на уставните измени и да даде легитимитет за промената на Уставот.

„Северна Република Македонија можеби е на Заев, а за ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе остане Република Македонија онаа за којашто мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година“, се додава во соопштението.

Спонзорирано: