14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Растот на платите и намалувањето на невработеноста ја одбележаа годинава на економски план

Јавниот долг е ставен под контрола, а годинава е направен сет од десет клучни реформи за подобар систем на јавни финансии, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, во изјава за медиумите.

Според Тевдовски, економијата годинава ја одбележале растот на платите, намалувањето на невработеноста, како и враќањето на довербата кај инвеститорите.

„Платите заклучно отктомври пораснаа за 5,7%. Невработеноста е значајно намалена и се приближува до 20%. Отворени се над 14 илјади нови работни места. Странските директни инвестиции се значително повисоки во однос на минатата година. Индустриското производство во континуитет забележува добри резултати, додека извозот има двоцифрен раст“, рече министерот и нагласи дека даночната реформа ќе обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација.

Според Тевдовски, пензиската реформа ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот, додека реформата на социјалниот систем ќе овозможи гарантиран минимален приход и подобро таргетирање на социјалните трансфери.

„Јавниот долг е ставен под контрола – во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8%, денес тој изнесува 48,2%. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава издадовме 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75%. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок“, рече министерот за финансии, додавајќи дека Владата направила и системско решение за заостанатите обврски од претходната власт.

„Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот – голем дел од обврските се сервисирани. Направивме законски механизми што ќе спречат натрупување нови обврски“, кажа Тевдовски.

Министерот рече дека континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии.

Додаде дека во буџетот за 2019 година се предвидени покачување на платите во здравството, образованието, најмногу средства досега за активните мерки за вработување, повеќе средства за поддршка на претпријатијата, средства за крупни инфраструктурни проекти.

Тевдовски следната година очекува резултати од реформите преземени во 2018 година, односно платите да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво.

Спонзорирано: