20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

На новинарот на „Шпигел“ му се заканува и обвинение за измама

Поранешниот германски новинар во угледниот неделник од Хамбург, „Дер Шпигел“, Клас Релотис, кој беше обвинет од весникот за лажирање новинарски текстови, би можел да биде обвинет и за измама, објави Би-би-си.

Од весникот велат дека поднеле кривична пријава против Релотис, бидејќи барал донации од читателите за сираче од Сирија, кои оделе на негова приватна сметка. Велат дека примиле пораки од читатели во кои се тврди дека преку приватен мејл, Релотис барал донации за помош на сираче од Сирија, кое се наоѓало во Турција, а дека парите требало да бидат испратени на неговата приватна сметка.

Останува нејасно како му одговориле читателите, односно колку пари собрал и каде завршиле истите. Весникот собира докази кои ќе ги достави до обвинителството.

Повикот за донации бил поврзан со текст кој го пишувал за две деца, брат и сестра од Сирија, кои ивеат на улиците на Турција, а за кој „Дер Шпигел“ утврди дека е делумно лажен.

Турски фотограф кој го следел Релит, за време на работата на текстот, изјавил дека тој измислил неколку делови за животот на децата, а се посомневал и дека сестра воопшто не постои во приказната.

„Дер Шпигел“ објави дека 33-годишниот новинар признал дека измислил, фабрикувал или разубавил цитати во барем 14 текстови. Обвинителството сега ја проучува неговата работа, со што и други медиуми, кои објавиле негови текстови, би можеле да бидат погодени.

Скандалозното откритие го шокираше медиумскиот свет, особено поради фактот што Релит добил повеќе награди минатиот месец – германски „Репортерпреис“, како и награда за новинар на годината.