5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Објавен оглас за закуп на државно земјоделско земјиште

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари. Се работи за оглас чијашто намена освен за подигање насади, ќе биде и за инвестиции во земјоделството и руралниот развој.

„Со објавувањето на овој инвестициски оглас, како Влада јасно ја акцентираме нашата заложба за интензивно зголемување на капиталните и инфраструктурните инвестиции во областа на земјоделството и руралниот развој. Ваквите типови огласи ќе обезбедат не само раст на капиталните влогови во земјоделството туку и производство на финални производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на странскиот пазар, решавање на проблемите со откупот и вишоците што се јавуваат преку инвестиции во преработувачки капацитети, отворање нови работни места, економски развој на регионите и задржување на луѓето во тие региони“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Предмет на овој оглас, велат од МЗШВ, се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис-план за преработувачки капацитети.

Конкретно, со овој оглас се објавуваат над 1 420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.

Со огласот ќе бидат опфатени 23 земјишни парцели во 13 региони, и тоа: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Св.Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга.

На огласот што ќе биде по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат домашни физички и правни лица и странски правни лица.

Во следните 30 дена сите заинтересирани можат да ги достават понудата и другата потребна документација во затворен коверт до МЗШВ. Сите детали околу критериумите, електронското јавно наддавање и потребната документација, денеска ќе бидат објавени и на веб-страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.