17.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Јанушев: Ветуваа дека ќе се уреди кејот покрај Лепенец, но не реализираа ништо

„Денес се наоѓаме во посета на општина Ѓорче Петров и колку и да изгледа дека реалноста не е таква, се наоѓаме во една дива депонија која, за жал, се наоѓа само на еден километар од населените места во општината Ѓорче Петров. Ова е уште еден доказ за неспособната Влада и неспособноста на министрите во Владата предводена од Заев и СДСМ, кои, за жал, на сите граѓани во оваа држава им донесуваат само црнила. Покрај игнорирањето и одењето спротивно на волјата на македонскиот народ, со игнорирањето на резултатот од последниот референдум, со насилничкиот и противправен обид за промена на Уставот, со разобличувањето на македонската држава во сите пори, се продолжува со разобличувањето и уништувањето што ги тиштат македонските граѓани”, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, овде во дивата депонија во Ѓорче Петров, иако имавме предизборно ветување дека ќе се уреди кејот покрај реката Лепенец и дека ќе никнат разни содржини од рекреативен и спортски карактер, сепак и по повеќе од една година, немаме апсолутно никаква реализација на еден од тие проекти.

„Исто така, би сакале да ги потсетиме граѓаните на општина Ѓорче Петров дека се ветуваа и градинки и кружен тек во Волково, нова амбуланта во Дексион, спортска сала во Хром, пазар во Даме Груев, нов трговски центар, нов музеј на современа уметност, нов театар, нов мултимедијален центар. Но, сепак, како и за сите други работи, согледуваме дека единствено што знаат да прават СДСМ, Зоран Заев и неговите пајташи е да ги лажат македонската јавност и македонските граѓани бидејќи се неспособни и единствено што носат во животите на македонските граѓани се црнилата.

Меѓутоа, исто така би сакал да потсетиме и за 7 милјарди евра од буџетот што ги потрошија во изминатите две години, без притоа да вложат ниту еден денар во борба против аерозагадувањето. Единствено што видовме е како Макрадули спие во Собранието, а Шилегов игра игри на својот мобилен телефон и всушност тоа е еден доказ, една добра слика како власта функционира и кој е нивниот однос кон граѓаните на Република Македонија“, додаде тој.

Од друга страна, вели Јанушев, граѓаните се сè посиромашни, а трошоците за живот се сè поголеми. Младите се иселуваат иако ветуваа дека ќе ги вратат во државата, меѓутоа не само што не вратија никој, туку дополнително иселувањето се зголемува, и тоа буквално од сите краишта во државата.

„Ветуваа економски бум и инфраструктурна експанзија. Ветуваа шестостини километри автопат, петстотини и педесет километри магистрални патишта и илјада и сто километри локални патишта. Меѓутоа, единствено што видовме се илјада, но не километри, туку метри направен пат. Не постои ни П од правната држава. Владее политичко судство и обвинителство. Заев и СДСМ наредуваа кој, колку и кога ќе биде осуден. Полицијата служи исклучиво за прогон и терор и пресметка со политичките противници. Да потсетиме дека откако Спасовски е министер, имаме девет неразјаснети убиства.

Исто така, уште еден факт што говори, односно ги поткрепува последните тези, е дека годинава 41 отсто е зголемен бројот на граѓани што се жалат на правосудниот систем во споредба со минатата година. Лани на ова се пожалиле 576 граѓани, а годинава таа бројка е порасната на рекордни 811. Според народниот правобранител, 60 отсто повеќе поплаки има за правата од областа од работните односи, за имотните односи – 37 отсто, за насилството и негрижата на децата – 25 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ во оваа пригода сака да ги повтори своите шест барања што веќе ги наведовме, тоа се:
1. Итна и неотповиклива оставка на министерот кој својата нација ја нарече комплексирана. Комплексираниот министер Димитров, кој благодарение на оваа нација, кој од буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Македонија со стипендии што токму овој народ ги обезбеди.
2. Итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон, односно за полиција, Оливер Спасовски, затоа што откако е министер, само имаме шпионски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија.
3. Веднаш да запре иницијативата од Владата за покачување на даноците во Република Македонија.
4. Не само декларативно за почист воздух. Ги лажевте граѓаните велејќи дека кога ќе дојдете на власт, веднаш потоа ќе имаме алпски воздух во Република Македонија. Затоа, бараме итно да се продолжи проектот за гасификација на Република Македонија за да може вистински граѓаните да уживаат во почист воздух.
5. Да се формира независно тело, кое ќе го предводи човек по предлог на опозицијата, кој ќе ги преслуша, анализира и систематизира сите материјали што се собрани во изминатите две години како резултат на црниот вотергејт на Заев, односно прислушувањето на судиите и обвинителите.
6. Но, секако, не најмалку важно е уште еднаш, да повториме, дека очекуваме како опозиција јавно и недвосмислено да се почитува волјата на народот искажана на последниот референдум од 30 септември“, додаде Јанушев.

Спонзорирано: