23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Осомничениот за убиството кое го згрози Скопје веднаш однесен во притвор

По предлог на јавен обвинител, определен му е притвор за 20-годишникот што ја лиши од живот баба си во Скопје. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 попладнево достави предлог за определување мерка притвор за 20-годишното момче од Драчево за кое постои основано сомнение дека си ја убил својата 66-годишна баба.

„Судијата го прифати ваквиот предлог и на осомниченото лице му е определена мерка притвор во траење од 30 дена бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и опасност осомничениот да го повтори делото. Јавниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага против осомничениот за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство од чл. 123, ст. 2, т. 2 од Кривичниот законик“, информира Обвинителството.

Осомничениот со умисла при вршење семејно насилство ја убил баба си по мајка нанесувајќи ѝ повеќе убодни рани со нож, од кои раната во пределот на вратот била смртоносна.

Тој вчера сам се пријавил во полициска станица и признал дека ја убил баба си. Мотивите за кривично-правниот настан сè уште се утврдуваат. По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција, а се вештачат и трагите и материјалните докази пронајдени на самото место при извршениот увид.