13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Убеден сум дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство за уставните измени

Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување на сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, рече премиерот Зоран Заев на јавната дебата за уставните измени во Штип.

Истакнувајќи ја инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози, премиерот Заев повтори дека договорот со Грција е пријателски, фер и правичен и на Македонија ќе ѝ обезбеди стабилност, безбедност и подобар економски стандард.

„Дека договорот е правичен, докажува и критичкиот осврт на опозицијата и во Македонија и во Грција, кои досега не смогнаа сили да го решат овој долгогодишен проблем, иако тврдат дека ги подржуваат евро-атлантските интеграции на нашата земја. Но, денеска имаме поддршка од народот, кој покажа дека почитува лидерство и лидерски одлуки и затоа за мене тоа е важно“, рече премиерот Заев додавајќи дека со нацрт-амандманите се предвидува додавката северна, која реално е географска одредница, но истовремено ја задржува нашата идентификација како македонски народ, кој говори македонски јазик.

Во своето излагање премиерот Заев истакна дека во нацрт-амандманите се вградени предлози на пратениците и посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува договорот од Преспа и протоколот за наше членство во НАТО.

Судијката Цаца Николовска оцени дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации, особено на Европската Унија. Професорот Ѓорѓи Спасов рече дека јавната дискусија е шанса не само за подобрување на нацрт-амандманите туку и за убедување голем дел од јавноста за оправданоста од овој чин и докажување дека не се точни тврдењата дека договорот е штетен и со него ќе исчезнат македонската држава и македонскиот народ. Спасов додаде дека Македонија со промената на надворешната политика ги напушти националистичките позиции и ја врати самодовербата на нацијата со цел да се остварат посакуваните цели за перспективна Македонија.

Спонзорирано: