14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Чавушоглу упати критики до ЕУ, медиумите и протестите во Франција

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека стои цврсто против вандализмот, но истовремено упати остри критики кон француската полиција и употребата на сила врз демонстрантите и ја праша ЕУ и односот на Унијата кон Франција во врска со европските медиуми.

Турскиот дипломат присуствуваше на доделувањето награди на Асоцијацијата на новинари во Анталија, каде што зборуваше за глобалната агенда и актуелните протести во Франција.

„Никогаш не сме поддржувале вандализам. Кога бевме сведоци на вандализам во нашата земја, овие европски земји тоа го поддржуваа преку невладини организации, политичари и медиуми. Турција остана доследна на својата агенда секој ден. Денес, кога се случуваат демонстрации во Франција, сведоци сме дека тие достигнуваат екстремни пропорции. Ние сме против вандализмот, но прекумерната употреба на сила од страна на француската полиција е вистинска лекција. Односот на Европската Унија и останатите земји исто така е лекција. Односот на медиумите во овој контекст е комплетна катастрофа. Ова е она што го нарекуваме двоен аршин. Ова е она што го нарекуваме лицемерие“, изјави Чавушоглу.

Министерот посочи дека другите земји од Европа не упатиле критики кон полициското насилство оти тие ја гледаат Франција како членка на ЕУ со која сметаат дека мора да бидат солидарни. Чавушоглу додава дека Франција заслужува да биде критикувана за политиките кои се косат со стандардите и вредностите на Европската Унија.

Турскиот министер изјави дека и покрај скорешните протести во Европа, континентот сепак е најстабилен во споредба со останатиот дел од светот и изрази надеж за крај на протестите.

„Не би сакале економиите на овие европски земји да опаднат. Ние сме дел од овој контитент и точно е, постојат проблеми и прашања што мора да се решат. Сепак, ова е најстабилен, безбеден и економски развиен континент во споредба со светот. Сакаме да остане така, како и да продолжи да се развива, што ќе биде придобивка за сите нас,“ заклучи Чавушоглу.