17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Блумберг“: Човек на Орбан добил на подарок над 400 унгарски медиуми

Сопственици на повеќе од 400 унгарски медиуми во координирана акција ги подариле медиумите на асоцијација на чие чело е поранешен адвокат на партијата на Орбан, пренесува „Блумберг“.

Споменатите медиуми ги поседувале десетина компании на деловни и политички сојузници на Орбан и тие сега ќе бидат под контрола на новата компанија Central European Press and Media Foundation.

Во оваа донација не се вклучени парични трансакции, така што нема да има наплата на данок.

Ставањето на медиумите под контрола на едно здружение потсетува на национализацијата за време на комунистичките режими и контролата на партијата врз целото општество, пишува „Блумберг“.

Колку за потсетување, Унгарија на листата за слободата на печатот изработена од „Репортери без граници“, од 23. место во 2010 година, годинава падна на 73. место.

Меѓународните набљудувачи за слободата на медиумите го истакнуваат фактот дека во 2015 година владата на Орбан ја поддржувале 31 медиум, а во моментот таа ужива поддршка од над 500 медиуми.

„Блумберг“ потсетува дека од доаѓањето на власт Орбан укинал низа невладини организации за граѓански слободи, а во државните тела и компании поставил истомисленици и пријатели. Се тврди и дека приватните компании се во рацете на неговите моќници.