4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

САД, Мексико и Канада потпишаа договор за слободна трговија

САД, Канада и Мексико денеска го потпишаа ревидираниот Северноамерикански договор за слободна трговија (НАФТА) во рамките на самитот на Групата 20 (Г20) во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес.

На свечена церемонија потписи на документот ставија американскиот претседател, Доналд Трамп, канадскиот премиер Џастин Трудо и претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, пренесува агенцијата АП.

Новиот договор меѓу САД, Мексико и Канада, кој исто така треба да го одобрат и парламентите на трите земји, ќе го замени досегашниот 24-годишен НАФТА пакт, кој Трамп го критикуваше како катастрофален.

Американската агенција наведува дека актуелните несогласувања поради царините на увезениот челик и алуминиум, кои САД ги воведоа за своите соседи на север и југ, ја нарушиле свечената церемонија за потпишување на ревидираниот трговски договор.

„Требаше долго време и беше тешко. По трнлив пат и со малку рани стигнавме до целта. Ова е одлично за нашите земји“, рече Трамп по повод договорот.

Додека Трамп го фалеше ревидираниот трговски пакт, Трудо беше поумерен и го икористи овој настан за да го повика Трамп на укинување на царините за челик и алуминиум.

Пења Нието, кој во сабота ќе ја предаде должноста на неговиот наследник, рече дека е чест да биде на потпишувањето на овој документ во последните денови на неговата администрација, додавајќи дека овој договор е кулминација на еден долг процес кој ќе овозможи земјите да ги надминат разликите.