14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров и Захариева разговараа за евроинтеграциите во Солун

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по покана на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос, учествуваше на четвртата четирипатритна средба на министрите за надворешни работи на Република Македонија, Република Албанија, Република Бугарија и Грција, што се одржа на 22-23 ноември 2018 година во Солун.

Дискусијата на состанокот претставуваше континуитет на разменувањето идеи и видувања за можностите за натамошно унапредување на регионалната соработка. Во фокусот беа прашања поврзани со европските интегративни перспективи на земјите од Западен Балкан и иднината на Европа, како и други актуелни теми во области од заеднички интерес. На состанокот се дискутира и за темите поврзани со значењето од економската соработка, инфраструктурната и енергетската поврзаност и унaпредувањето на прекуграничната соработка меѓу соседите.

Министерот Димитров, истакнувајќи ја определбата на Република Македонија за градење добрососедска политика, се осврна на активностите што ги презема нашата земја како придонес во заедничките напори за обезбедување регионална стабилност и просперитет, а изнесе свои видувања и конкретни иницијативи за идните перспективите на натамошната соработка. Тој рече: „Нашата соработка во регионот е корисна за нашите општества. Ако можеме да ги усогласиме нашите интереси, тоа ќе ни помогне нам, но ќе ѝ помогне и на Европа“.

Димитров оствари и одвоени билатерални средби со министерката на Република Бугарија, Екатерина Захариева, како и со домаќинот, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос. Со министерката Захариева разговараа за заемните односи и перспективите за економски развој преку соработка на двете земји, како и чекорите што претстојат во однос на евроинтегративниот процес на Република Македонија. Со алтернативниот министер Катругалос се дискутира во насока на зајакнување на билатералната соработка, со посебен акцент на прекуграничната соработа, преку конкретни економски проекти, кои воедно ќе придонесат кон зближување на двете општества. Министерот Димитров даде изјави за присутните грчки и бугарски медиуми.

На средбата, покрај министрите за надворешни работи, учествуваа и министри и високи претставници од министерствата за економија на четирите земји.