Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, изјави дека потегот на Косово на 100 отсто да ја подигне таксата на стоката од Србија и Босна и Херцеговина мора веднаш да биде повлечен.
Хан на својот профил на „Твитер“ напиша дека ваквиот потег им нанесува штета на потрошувачите и на самиот бизнис, како и дека Косово има посебна одговорност бидејќи во моментот претседава со ЦЕФТА.
„Набргу Приштина ќе присуствува на неделата на„ЦЕФТА и очекувам ова прашање дотогаш да биде решено“, наведе Хан.
Тој ја поздрави изјавата на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, која вчера побара повлекување на одлуката и укажа дека тоа претставува јасно кршење на договорот на ЦЕФТА и Договорот за стабилизација и асоцијација.