14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Влада: Очекуваме Будимпешта да го предаде Груевски во Македонија

Владата соопшти дека официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во бегството на Груевски од земјата, испратила и барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.

„Очекуваме дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет“, велат од Владата по потврдата дека Груевски добил азил во Унгарија.

Владата додава дека експремиерот е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. Тој бил под полициска заштита, согласно правата кои му следувале како поранешен премиер, и во ниту една ситуација немало пријавено закани по неговиот живот.

„Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту, пак, која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата“, се вели во соопштението на Владата.

Оттаму додаваат дека Македонија е правна држава во којашто владеат законите, а секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки.

Спонзорирано: