10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Амнестија во текот на судскиот процес, прекин на постапката за тие што не тепале на 27 април?

Кој ќе се спаси од кривична одговорност за инцидентите од 27 април, најверојатно ќе се утврдува според обвинителниот акт, односно кривичното дело за кое се обвинети или осудени. Од координативното тело за помирување и интеграција кое ги подготвува препораките за амнестија, брифираат дека има согласност да се направи дистинкција меѓу лицата кои биле насилни и оние кои упаднале во Собранието, но не тепале. Не ја отфрлаат можноста, предлогот кој ќе биде разгледан деновиве на првиот состанок на ова тело, да има препорака за прекин на постапката против лицата кои не биле насилни. Со ова се отфрла втората можност, амнестијата да важи по завршувањето на судскиот процес против 30 лица кои се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од Телото за помирување повторуваат дека целта не им е да се мешаат во работата на судот, но нивниот предлог, како што велат, е во насока на помирувањето што го иницираа како еден од условите да гласаат за отворање на Уставот.

Во оваа насока е изјавата и на министерката Дескоска, која порача дека амнестијата за 27 април треба да биде врз основа на обвинителниот акт, односно во зависност од тоа за кое дело лицата се обвинети или осудени, и дека тоа е во надлежност на собраниското тело кое го подготвува законот, посочувајќи ги како пример веќе донесените пресуди за насилство врз пратеникот Села и министерката Шекеринска.

Процесот за 27 април сè уште е во тек, утре продолжува рочиштето на кое треба да продолжи презентирање на СМС и вибер-комуникацијата од мобилните телефони на обвинетите, додека в понеделник, на 26 ноември, треба да заврши одбраната на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски. Дел од обвинетите веќе ги повлекле доказите, иако не откриваат дали тоа е поврзано со најавената амнестија. Дел од обвинетите, пак, велат дека не знаат дали ќе бидат опфатени со амнестијата, а некои од нив велат и дека не сакаат да се мешаат во политичките одлуки.

„Не знам дали ќе бидам опфатен, јас не изготвувам никаков закон, можам да кажам дека слободата е вистинска правда за тие што сме неправилно обвинети“, рече Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

„Јас својата невиност сакам да си ја докажам пред судот, не можам, а не сакам ни да се мешам во политички одлуки. Јас сум полицаец што постапувал по своите задачи, одлуката за амнестијата ѝ ја препуштам на комисијата што преговара“, рече Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на Трајко Велјаноски.

Претходно премиерот Зоран Заев порача дека е прифатлив закон за амнестија, освен за насилниците од 27 април, ако на тој начин, како што кажа, може да се постигне помирувањето за кое се залагаат заедно со осумте пратеници од опозицијата кои гласаа за почнување на процесот на уставни измени.

Спонзорирано: