5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сеопфатна и партнерска соработка меѓу Македонија и Јордан, претседателот Иванов на средби со јорданскиот државен врв

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамките на официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, денеска во Аман оствари средби со премиерот на Кралството Јордан, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом, Атеф Таравнех, како и со членови на Претставничкиот дом.

На средбата со јорданскиот премиер Разар, Иванов истакна дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи Македонија се стреми кон стабилни и пријателски релации со Хашемитското Кралство Јордан, наведуваат од кабинетот на претседателот.

Во соопштението се додава дека македонскиот претседател изразил надеж дека со интензивирањето на политичкиот дијалог, ќе се отвори можност за натамошна идна соработка во сферата на економијата, безбедноста, културата и образованието преку потпишување на меѓувладините договори и унапредување на правната рамка.

Претседателот Иванов и премиерот Разар разменија мислења и во однос на бегалската и мигрантската криза и се осврнаа на предизвиците на Блискиот Исток и на состојбите во Европа, а во тој контекст, како што соопштија од кабинетот на Иванов, тој го поздравил важниот придонес што Кралството Јордан го има во рамките на хуманитарниот аспект на кризата и згрижувањето на бегалците, нагласувајќи дека Република Македонија ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.

На средбата, пак, со претседателот на Сенатот, Фаисал ел-Фајез, и со спикерот на Претставничкиот дом, Атеф Таравнех, претседателот Иванов изразил уверување дека оваа официјална посета ќе ѝ даде нов импулс на севкупната соработката меѓу Република Македонија и Кралството Јордан во сите сфери од заеднички интерес и дека меѓусебното пријателство ќе продолжи да се развива.

Иванов го истакнал фактот дека се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Првите луѓе на јорданскиот парламент ја изразија подготвеноста за унапредување на парламентарна соработка меѓу Македонија и Јордан.

Вчера, претседателот Иванов во кралската палата „Ал Хусеин“ во Аман со највисоки државни и воени почести беше пречекан од кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин. На средбата беше потврдено пријателството меѓу Република Македонија и Кралството Јордан.