11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Илустрација
СВЕТ

Некои од жртвите во пожарот во Калифорнија можеби никогаш нема да бидат пронајдени

Спасувачите што трагаат по телата на жртвите во катастрофалниот пожар што го уништи градот Парадајс во северниот дел на Калифорнија велат дека некои тела, најверојатно, никогаш нема да бидат пронајдени поради интензитетот на пожарот.

До неделата вечерта беа пронајдени посмртните останки на 77 лица, за исчезнати се водат речиси 1.000 луѓе, а изгорени се 10.364 куќи.

Парадајс се наоѓа на 130 километри северно од Сакраменто, главниот град на Калифорнија.

„Од нас се бара да пребаруваме колку што можеме, но сепак е можно дека нема да најдеме некои од жртвите“, рекла Триш Моутард, волонтерка што со своето куче трагач учествува во пребарувањето. Таа објаснила дека силниот и долготраен пожар може толку да ги уништи човечките остатоци така што ниту кучиња не би можеле да ги пронајдат.

Многумина што се сметаат за исчезнати се постари лица. Едно од лицата има дури 101 година.

Градот Парадајс со 27.000 жители бил населен претежно од пензионери, а повеќето идентификувани жртви биле постари од 60 години.