20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Илустрација/Pixabay
СВЕТ

Антимигрантски протести на границата меѓу САД и Мексико

Тихуана, каде што еден од мигрантските каравани стигна до границата со САД, не може да се справи со лавината луѓе, вели градоначалникот на мексиканскиот град, Хуан Мануел Гастелум, проценувајќи дека мигрантите ќе останат таму најмалку шест месеци додека чекаат да поднесат барања за азил.

Откако речиси 3.000 мигранти од Централна Америка пропатуваа низ Мексико во обид да стигнат до САД и го преплавија мексиканскиот граничен град Тихуана, стотици локални жители излегоа на улиците за да протестираат поради доаѓањето на караванот мавтајќи со мексикански знамиња и извикуваа „Надвор!“ и „Не ги сакаме во Тихуана“, нарекувајќи го караванот инвазија.

Една од демонстрантите, Хуана Родригез, вели дека владата треба да спроведе проверки на барателите на азил за да осигури дека немаат криминални досиеја, додека друга демонстрантка, Палома, ги осуди мигрантите за кои вели дека пристигнале во Мексико по бенефиции.

„Нивната влада нека се грижи за нив”, изјави Палома.

Корисниците на социјалните мрежи споделуваа фотографии и видеа од местото на протестите. Во твит во неделата, американскиот претседател Доналд Трамп го цитираше градоначалникот на Тихуана, Хуан Мануел Гастелум, кој рече дека градот е „лошо подготвен” за приливот на мигранти. Гастелум исто така изјави дека 2.700 имигранти досега во градот пристигнале, но мексиканската федерална влада проценува дека бројот на крајот би можел да достигне 10.000.

Во очекување на неколку каравани со илјадници мигранти, главно од Ел Салвадор, Хондурас и од Гватемала, администрацијата на Трамп нареди околу 5.800 војници да бидат распоредени на границата со Мексико за да спречи „инвазијата”. Трамп во неколку наврати истакна дека караваните вклучуваат членови на банди кои претставуваат закана за националната безбедност на САД.