17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Њу Делхи опкован со смртоносен смог по хиндуистички фестивал, пренесува Би-би-си

Загадувањето на воздухот во индискиот главен град Њу Делхи порасна на ниво кое е опасно за здравјето. Според Би-би-си, за време на прославата на хинду-фестивалот Дивали, населението и покрај судската забрана, неколку часа фрлало петарди што довело до тоа градот се разбуди под густ облак од токсична магла.

Дивали е најважниот хиндуистички фестивал во северна Индија, кој ја слави победата на доброто над злото.

Врховниот суд претходно го ограничи фрлањето петарди на само два часа на ноќта на фестивалот, но овој налог не бил испочитуван.

Американската амбасада соопшти дека загадувањето на воздухот преминало во тешка категорија и дека истото претставува сериозен здравствен проблем за жителите.

Уште претходниот месец Врховниот суд на Индија ја забрани употребата на огномет на настанот, во обид да се намали загадувањето на воздухот, но и покрај ограничувањата и рокот од два часа во кој можело да се фрлаат петарди, жителите користеле пиротехнички средства до доцна во ноќта.

Но, не сите се согласуваат со информациите дека само петардите се виновни за загадувањето на воздухот и тврдат дека до загадување доаѓа поради тоа што нема струење на воздухот, правата од градилиштата, депониите и дизел-возилата.

Исто така, секоја година квалитетот на воздухот во Њу Делхи се влошува во ноември и декември бидејќи фармерите во соседните региони Пунџаб и Харајана палат огнови со цел да ги расчистат своите ниви.

Според Светската здравствена организација (СЗО), индискиот главен град е шестото најзагадено место во светот. Како одговор на оваа позиција, државната администрација почна иницијатива која забранува согорување на отпадот.