20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Доделени сертификатите на 10 нови обучени оџачари во Скопје

Во средното училиште во Скопје „Здравко Цветковски“, денеска им беа доделени сертификатите на 10 кандидати што ја завршија обуката за оџачари во првата група од наставата што ја организира Град Скопје. Доделувањето на сертификатите на новите оџачари беше дел од одбележувањето на патрониот празник на СУГС „Здравко Цветковски“, со мото „Мисија воздух – вдиши длабоко“.

„Во Скопје 45 проценти од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци, во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе од исчистен. Организирањето обуки за оџачари е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци. Обуката за оџачари Град Скопје ја организира во две групи. Во тек е обуката на втората група кандидати за оџачари во СУГС ‘Здравко Цветковски’“, велат од Градот.

Како дел од мерките за борба против загадувањето во тек е пријавувањето за субвенции за чистење оџаци и ќе трае до 22 ноември. Со овој повик Градот извести ќе им надомести дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик може да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на град Скопје. На овој повик досега се пријавиле 137 граѓани.

Учениците од СУГС „Здравко Цветковски“ на одбележувањето на патрониот празник денеска дадоа пример за одговорно однесување кон животната средина, односно подготвија макети на познати објекти во кои се вклопени архитектурата и природата, еколошки паноа, жив ѕид со растенија, модна ревија со рециклирани материјали, цртежи и литературни творби. Средношколците во изминатиот период работеа и на краток филм, фотографии и статија, со кои учествуваат во проект на тема загадување.

Спонзорирано: