26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германија ги предупреди граѓаните: Внимавајте што објавувате на Фејсбук ако патувате во Турција

Германија ги предупреди своите граѓани кои ја посетуваат Турција да бидат крајно претпазливи и да внимаваат што објавуваат на социјалните мрежи, по серијата случаи на апсење на Германци поради критики на интернет за владата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Во најновите совети за патување, објавени од страна на германското Министерството за надворешни работи, се забележува дека обидите на Берлин да ги поправи односите со Анкара до сега малку придонеле за десетиците притворени германски државјани по неуспешниот обид за државен удар во 2016 година.

„Апсењата и прогоните се често поврзани со објави на социјалните мрежи кои ја критикуваат тамошната влада“, стои во советите за патување во Турција.

„Во некои случаи, доволно е само да ставите лајк на нечија објава во однос на таа тема“, се додава во соопштението.

Германското министерство додава дека дури и приватните коментари може да претставуваат ризик и дека обвиненијата за навреда на претседателот или, пак, ширење на терористичка пропаганда може да доведат до повеќегодишни затворски казни.