14.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Директорот на БЈБ на годишна конференција во САД

Делегација на Бирото за јавна безбедност при МВР, предводена од директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, во изминатите три дена во Орландо, САД, учествуваше на 125. годишна конференција на Меѓународната асоцијација на шефовите на полициите од целиот свет (IACP) чија примарна мисија е едукацијата, образованието и обуката на полициските служби, соопшти прес-службата на Министерството за внатрешни работи.

Годинашнава конференција, на која учествуваа над 400 делегации од полициски организации од целиот свет и на која се обрати американскиот претседател, Доналд Трамп, беше посветена на повеќе едукативни теми од областите на полициско работење, инаку актуелни во последно време, како ефикасното полициско работење така и за ефикасното менаџирање со полициската организација. Меѓу друготo, во рамките на понудените едукативни програми на IACP беа презентирани темите за односите на полицијата и заедницата, безбедноста и благосостојбата на полициските службеници, за полициската култура и морал, како и низа оперативни образовни тематики, како што се одговорите на активни закани, примената на сила, насилниот криминал и друго.

Инаку, оваа посета на годишна конференција на IACP се случува по седум години, а во организација на ИЦИТАП-програмата на американската амбасада во Република Македонија. Во текот на тродневната конференција првиот човек на БЈБ, Тасевски, имаше средба со директорот на ИЦИТАП-програмата, Гери Бар, кому воедно му врачи плакета на МВР. Истовремено, директорот Тасевски оствари и повеќе билатерални средби со свои колеги од полициите на земјите од регионот (Косово, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина), како и од други европски земји, соопшти Министерството за внатрешни работи.