8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Турските власти ќе го пребаруваат саудискиот конзулат во Истанбул, во рамки на истрагата за исчезнатиот новинар

Турското Министерство за надворешни работи денеска објави дека турските власти ќе го пребараат саудискиот конзулат во Истанбул, во рамките на истрагата за исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашогија.

Саудиските власти ја информираа Анкара дека се „отворени за соработка” и ќе дозволат да се пребара зградата на конзулатот, наведоа во нивното соопштение.

Претходно денеска „Вашингтон пост“ објави дека според фотографија која тие ја добиле од извори билски до истрагата, новинарот влегол во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул, но како што тврдат медиумите тој никогаш не излегол, или барем до сега не биле објавени докази дека тој ја напуштил зградата.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ја повика владата на Саудиска Арабија за поддршка на темелна истрага за исчезнатиот саудиски новинар и транспарентно објавување на резултатите од истрагата, пренесуваат медиумите.

59-годишниот новинар исчезна за време на посетата на саудискиот конзулат во Истанбул, каде што отиде по документи што му беа потребни за да може да се ожени со својата свршеница, која е од Турција, наведува агенцијата од САД.

Турските власти и неговите пријатели за АП изјавија дека стравуваат оти новинарот бил убиен во конзулатот, а Саудиска Арабија таквите изјави ги карактеризира како неосновани, но, како што забележуваат медиумите, никогаш не дала ниту докази дека тој по влегувањето, ја напуштил зградата на конзулатот.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вчера повика да се обезбедат докази дека новинарот жив го напуштил конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. И американскиот претседател, Доналд Трамп, исто така изрази загриженост поради исчезнувањето на саудискиот новинар.

Кашогија ја напушти Саудиска Арабија минатата година бидејќи ги критикуваше саудиската политика во Јемен и притисокот врз критичарите на властите, истакнува „Ројтерс“ во својот напис.