8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов: Чешка е вистински пријател на Македонија, ја цениме соработката

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на вториот ден од официјалната посета на Чешката Република, оствари средби со претседателот на чешката Влада, Андреј Бабиш и со претседателите на Сенатот и на Долниот Дом на чешкиот парламент Милан Штех и Радек Вондрачек, соопштија од претседателскиот кабинет.

На средбата со Бабиш, двајцата соговорници ја потврдиле подготвеноста за унапредување на меѓусебното пријателство и поддршка на билатерален и мултилатерален план. Иванов, во рамки на средбата, истакнал дека Македонија особено ја цени конзистентната и принципиелна поддршка од Чешка за нашите врвни стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ, како и принципиелната употреба на нашето уставно име.

Од Кабинетот потенцираат дека Иванов уште еднаш изразил задоволство од севкупната соработка и поддршка од Чешка за време на бегалската и мигрантската криза.

„Посебно ја цениме соработката меѓу Македонија и Чешка поврзана со мигрантската криза и благодарни сме за доделената помош на македонската полиција за нејзино успешно менаџирање. Ваквата соработка претставува потврда дека Чешка е вистински пријател на Македонија“ истакнал на средбата претседателот Иванов.

Претседателот на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, Милан Штех и претседателот на Долниот Дом на Парламентот на Чешката Република, Радек Вондрачек, на средбите со македонскиот претседател изразиле задоволство од развојот на билатералните односи и ја искажале својата поддршка за остварување на македонските стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.

Првите луѓе на чешкиот парламент изразиле подготвеност за јакнење на соработката меѓу парламентите на двете земји со цел унапредување на законската легислатива во областа на миграциите, како и размена на податоци и искуства во справувањето со мигрантската и бегалската криза.

Од Кабинетот на Иванов додаваат дека на средбите била искажана и подготвеноста за продолжување на помошта од Чешка за Република Македонија на нашата јужна граница.

Со денешните активности Иванов ја заврши дводневната официјална посета на Чешката Република. Вчера во Прага македонскиот претседател оствари средба со чешкиот претседател Милош Земан, од каде беа испратени пораки за актуелната политичка состојба во Македонија.

Спонзорирано: