8.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Големо апсење во Македонија – МВР ги објави овие фотки

Во рамки на активностите против недозволената трговија со дрога, вчера на превојот Стража полицијата запленила марихуана и привела тројца скопјани, меѓу кои и осуденик во бегство, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Како што рече тој, марихуаната била транспортирана од Албанија во Македонија. На превојот „Стража“, полициска екипа сопрела два автомобила и при извршен претрес во возило „шкода суперб“ пронајдени и одземени биле две вреќи со марихуана.

„На местото на настанот лишени се од слобода три лица од Скопје, меѓу кои и организаторот на транспортот на дрогата К.Р.(29) од Скопје, кој претходно бил осуден на казна затвор во траење од 11 години и бил во бегство од Казнено поправна установа ‘Идризово’, а се барал по распишана потерница. Лишени од слобода се и Р.И.(23) и С.Е.(22)“, соопшти Ангеловски.

Дваесет и деветгодишниот организатор планирал дрогата да ја продава на подрачјето на Скопје, Велес и Тетово.

Во Скопје биле извршени претреси и во домот на Р.И. при што биле пронајдени околу 50 грама кокаин, 16 паковки со кокаин и дигитална вага, како и 46 куршуми калибар 22 милиметри, додека кај С.Е. пронајдени биле околу 700 грама марихуана и таблети екстази и дигитална вага.

По ова, претреси биле извршени и во Струга и Охрид, при што лишен од слобода бил Ш.Т.(36) кој ја набавил запленетата марихуана од Албанија, а исто така во врска со овој случај од слобода се лишени и Д.О.(62) од Струга и А.И. (42) од Охрид. Запленети се и две патнички возила, околу 3 000 евра и 4 000 денари кои потекнуваат од продажба на дрога, а од страна на МВР се преземаат мерки и активности за идентификување на други инволвирани лица во случајот.

По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за сторено кривично дело „недозволено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстаници“, соопшти Ангеловски.

Спонзорирано: