5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германскиот министер Зехофер: Миграцијата е мајка на сите политички проблеми

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, кој беше трн во окото на канцеларката Ангела Меркел кога таа инсистираше на политиката на отворени врати за бегалците, миграцијата ја смета за „мајка на сите политички проблеми” со кои се соочува Германија.

Во изјавата за германскиот весник „Реинише пост”, Зехофер рече дека миграцијата е клучен фактор кој е одговорен за зголемување на популарноста на екстремната десна партија Алтернатива за Германија.

„Прашањето за миграцијата е мајка на сите политички проблеми во оваа земја. Ова го зборувам веќе три години. И потврдено е со бројни анкети на јавното мислење”, рече Зехофер.

Шефот на конзервативната ЦСУ, баварскиот партнер на Меркеловата ЦДУ, ја доведе германската влада на работ на колапс на почетокот на оваа година заканувајќи се дека ќе почне да ги враќа мигрантите од границата.

Многу луѓе денес грижата за нивниот социјален статус ја поврзуваат со прашањето на миграцијата, рече Зехофер, предупредувајќи и на проблемот за изнаоѓање решение на европско ниво за урамнотежена распределба на мигранти.