19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
SHOWBIZ

“Преспав” се враќа на тв екраните

Во очекување на третата сезона од популарната ТВ серија „Преспав“ и на барање на публиката, од понеделник (10 септември), ќе започнат да се емитуваат репризните изданија на 40. епизоди од првата сезона. Серијата ќе се емитува на првиот канал на МРТ секој работен ден од понеделник до петок во 21:15 часот, а репризите ќе бидат во 16 часот.

„Преспав“ е прв македонски ситком проект, кој изминативе две сезони постигна голем успех и популарност кај публиката.

Освен на телевизиските екрани, посетеноста на „Јутјуб“ каналот на серијата достигна над 4 милиони прегледи.

Метафорично пансионот „Преспав“ го отсликува македонското општество во кое граѓаните се сведоци на слични ситуации во изминатите транзициски времиња, па се до патот и желбата за членството во Европската Унија. Во ликовите се прекршува балканскиот менталитет, од кој и ние граѓаните не можеме да избегаме, со желбата да станеме подобро „европско“ општество во кое сакаме да воспоставиме нови стандарди и принципи.

Во првата сезона учествуваше актерска екипа која ја сочинуваа: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Владо Јовановски, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски и Адриан Азири.

ТВ серијата „Преспав“ е во продукција на ОХО. Концептот и оригиналната идеја на серијата се на Пеце Талески и Елеонора Венинова, режијата е на Игор Иванов. Додека режисери на епизодите се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов. Директор на фотографија е Наум Доксевски, а монтажата е Сашко Потер Мицевски. Музиката е на Мите Димовски, студио „Тралала“.

Спонзорирано: