10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган: Напад врз Идлиб би бил масакр од големи размери

Евентуален напад врз сириската провинција Идлиб, која е под контрола на бунтовниците, би можел да се спореди со масакр, а претстојниот самит во Техеран, кој ќе ги собере лидерите на Иран, Русија и Турција, ќе даде позитивни резултати, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во весникот „Хуријет“.

Русија која е сојузник на сирискиот претседател, Башар ал-Асад, во вторникот продолжи со воздушните напади против бунтовниците во Идлиб. Претходно, сириските владини сили неколку недели од воздух го бомбардираа и гранатираа регионот, што очигледно беше вовед во поголема офанзива против последното големо бунтовничко упориште.

„Ситуацијата во Идлиб е од клучно значење за Турција. Таму се одвива нечовечен процес. Доколку кон овој регион се лансираат ракети, тоа ќе биде масакр од големи размери“, смета Ердоган.

Турција, која поддржува дел од бунтовниците против Асад, се надева за позитивен исход од самитот во Техеран, кој ќе се одржи кон крајот на неделава.

„На самитот во Техеран ќе го доведеме ова прашање до позитивна разврска. Се надевам дека ќе бидеме во можност да го спречиме екстремизмот на сириската влада во регионот“, рече турскиот претседател.