8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

(Видео) СДСМ: 30 партии се обединија за референдумот

Околу 30 политички субјекти вечерва се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евро-атлантска иднина на Македонија, преку прифаќање на неколку заеднички принципи.

Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат ЗА на престојниот референдум кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018 година, соопшти СДСМ.

Според владејачката партија, тие се едногласни дека Република Македонија своите стратешки цели може да ги оствари единствено преку членство во НАТО алијансата и во Европската Унија и дека граѓаните и државата ќе добијат значајни придобивки од евроатланстските интеграции на земјата.

,,Политичките партии кои вечерва се обединија околу основните принципи согласни се дека македонско-грчкиот договор ги отвора вратите на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија. Партиите сметаат дека секој граѓанин на Република Македонија со право на глас треба да преземе одговорност, да излезе и да гласа афирмативно на претстојниот референдум. Како што беше договорено на средбата партиите го задржуваат правото да водат сопствени јавни комуникации поврзани со референдумот кои може да се индивидуални и независни или во рамки на други коалиции и кампањи”, се додава во соопштението.

Во обраќањето до присутните на вечерашната средба, претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, рече дека со решавањето на билатералното прашање со Грција, повеќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, како и дека тоа ја отвора иднината за граѓаните на нашата држава и членството во ЕУ и во НАТО.

,,Успехот на референдумот значи изградба на европска Македонија. Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија”, рече Заев.

Според СДСМ, партиите остануваат отворени во ова надпартиско движење да се вклучат и други политички партии, граѓани, граѓански здруженија или други организации кои се согласни да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат на престојниот референдум, поддржувајќи го членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Претходно крилото на БЕСА на Билал Касами информираше дека нема да учествува во заедничката кампања со парламентарните групи кои го поддржуваат референдумот. Тој вечерва по завршувањето на средбата на лидерите на политичките партии кои даваат поддршка на референдумот на 30-ти септември и процесите за полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО, најави дека ќе водат посебна кампања со која ќе ги мотивираат гласачите за поддршка на референдумот.