25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

Џафери со неочекуван потег: Еве што му порача на Милошоски

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, побара финансиски средства од Собранието за кампања против референдумот. Од таму му одговорија дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието ќе дели средства поединечно на секој пратеник.

„До претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска пристигна допис од пратеник во кој го известува дека ќе учествува во јавната кампања за претстојниот референдум и дека бара да му се обезбедат средства за таа намена. За појаснување, водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво“, велат од Собранието.

Затоа, додаваат од таму, претседателот Џафери во текот на вчерашниот ден упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“. Врз основа на добиените податоци, појаснуваат од законодавниот дом, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет-портали.

Милошоски во дописот до Џафери навел дека сака да учествува во јавната кампања со бојкотирачки став бидејќи е против референдумското прашање.

„Јас, Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во координација со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ве известувам дека ќе учествувам во јавната пропаганда на претстојниот референдум со бојкотирачки став бидејќи сум против референдумското прашање, а бојкотот е загарантирана демократска опција за секој граѓанин и истата е во согласност со демократските традиции на Република Македонија од 2004 година и согласно со Кодексот на Венециската комисија при Советот на Европа од 2007 година. Со оглед на тоа што јавната пропаганда се води на сопствен трошок, а како овластен предлагач Собранието може да води јавна пропаганда, барам да ми се обезбедат средства за таа намена“, пишува Милошоски во дописот.