8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ИНТЕРВЈУТОП ВЕСТИ

Интервју со Фатош Усаинова, менаџер на проектот “Градење на посилно граѓанско општество за унапредување на напорите за образовна инклузија на Ромите“

Со квалитетно образование до еднаквост и унапредување на ромската заедница

 

  1. Почитувана Усаинова, дел сте од проектот Градење на посилно граѓанско општество за унапредување на напорите образовна инклузија на Ромите“, кој се реализира во Македонија, со помош на Центарот за семејно и детско згрижувањеод Атина, Грција. Може ли објаснување за проектот, очекувањата по неговата реализација и за досегашното искуство од спроведување на проектот?

Оваа успешна соработка со Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП) од Атина, Грција почна во јануари 2017 година и ќе трае до јануари следната година. Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје, заедно со оваа партнерска организација, повеќе од 18 месеци активно работи и го имплементира проектот “Градење на посилно граѓанско општество за унапредување на напорите за образовна инклузија на Ромите”. Проектот се спореведува вo 9 општини во Македонија каде бројот на ромско население е значително поголем. Активностите на проектот се дизајнирани врз основа на фактот дека подобрувањето на квалитетот на образование на ромските деца и нивното поголемо вклучување во редовното образование се од исклучително значење за постигнување еднаквост и унапредување на целокупниот социо-економски статус на ромската заедница на долгорочен план.

Поттикнувањето соодветна средина за граѓанското општество преку која ќе се подобрат правата на ромските деца, особено правото на еднаков пристап до квалитетно образование и поголемо вклучување на пазарот на трудот, е главната цел на проектот, која ќе ја реализираме преку сетот активности предвидени во рамки на овој проект. Може да потврдиме дека навистина имаме позитивно искуство од досегашната имплементација на проектот, а со тоа и може да очекуваме и позитивни резултати. Активно и посветно работиме за да дадеме поголем придонес и да обезбедиме поголема вклученост на ромските деца во редовниот образовен процес. Проектот финансиски е поддржан од Делегација на Европска Унија во Македонија.

 

  1. Каква е соработката помеѓу партнерските организации и дали во иднина има најава можеби за некој нов заеднички проект?

Центарот за семејно и детско згрижување активно работи и делува 40 години на национално и меѓународно ниво. Соработката со нашиот Ромски Ресурсен Центар е резултат на заедничките гледишта на двете организации, а успешноста на овој проект е само еден од показателите дека заеднички и посветено работат кон постигнување на поставените цели. Навистина сме задоволни од начинот на кој работиме, бидејќи ова претставува ново искуство и за двете организации, од кое континуирано учиме и ја градиме нашата професионална соработка.

 

Заедничката работа веќе резултираше со уште еден нов заеднички проект кој почна со имплементација во декември 2017 година и повторно се однесува на децата Роми, но со многу поширок опфат во делот за заштита на правата на ромските деца. Навистина сме среќни што ја продолжуваме соработката и се надеваме дека би имале уште многу успешни проекти и уште многу остварени резултати на кои ќе се гордееме и се разбира, најголемата придобивка ќе ја имаат ромското население и пошироката заедница во Македонија.

  1. Колку успевате во соработката со локалните и државните институции во намерата да ги остварите вашите цели и да ја подобрите инклузијата на децата во редовното образование. Дали сте на иста „бранова должина“ како граѓански организации, од една страна и институции, од друга страна?

 

Тоа што претставници од институциите, директно, се вклучени во управните тела на проектот кажува многу за отворената соработка што ја воспоставивме со клучните институции во образованието. Во Управниот одбор на проектот имаме претставници од министерствата за образование и наука како и за труд и социјална политика. Исто така, на локално ниво, активно се вклучени претставници од локалните самоуправи и образовните институции со кои редовно се состануваме, ги информираме за ситуацијата на терен, за проблемите со кои се соочуваме при имплементација на проектот и се обидуваме, со заеднички напори, да ги надминиме пречките за вклучување и враќање на децата Роми во редовниот образовен процес. Преку различни инклузивни модели кои ги спроведуваат локалните невладини организации, децата се враќаат во училиште, а институциите нудат максимална поддршка во тој процес. Но, секогаш има простор за унапредување на таа соработка, поголема „сензитивизација“ на институциите за проблемите со кои се соочуват децата Роми и се разбира, нивно поголемо вложување за олеснување на пристапот и квалитетот на образованието на децата Роми.

Тоа е клучот за успешно решавање на проблемите со кои се соочуваат Ромите. Невладините организации сами и без поддршка од институциите не би биле успешни во својата работа. Она кон што целат РРЦ и КМОП е промоција на позитивни модели и практики за инклузивно образование на Ромите, нивно препознавање и прифаќање од институциите.  Односно, со други зборови, невладините организации се најдобрите познавачи на проблемите на Ромите и може и да понудат најсоодветни решенија. Институциите треба да бидат отворени за соработка и да ги прифаќаат предлозите и можните решенија. Таквата канализирана соработка со сигурност ќе резултира со голем успех.

 

  1. Проектот, под лидерство на две граѓански организации, поддржува други 11 мини – грантови, односно мини проекти. Што е идејата на оваа грантова шема?

 

Преку грантовта шема, развиена во рамки на проектот, се доделени 11 грантови на локални невладини организации во 9 општини во Македонија кои работат и делуваат во делот на образование на Роми. Преку тие мали грантови се креираат и промовираат модели за успешно вклучување на децата Роми кои не одат во училиште од различни причини. Тие проекти опфаќаат низа активности, како што се активна соработка со локалните самоуправи и училиштата и со различни целни групи на деца Роми, со цел да ги вклучиме во редовниот образовен процес.

 

  1. Кои треба да бидат финалните резултати по завршување на проектот и што потоа?

 

По завршување на проектот очекуваме дека ќе ги унапредиме веќе постоечките капацитети на невладините организации – корисници на мали грантови и тие ќе бидат подготвени да аплицираат на поголеми и посериозни проекти, финансирани од ИПА инструменотот. Сметаме дека Македонија има силен ромски граѓански сектор, а унапредувањето може само да донесе позитивни промени за пократко време. Исто така, очекуваме спроведените активности да резултираат со тоа што дел од децата Роми кои не се се вклучени во редовно образование, ќе седнат во училишните клупи од септември 2018. Но, исто така, очеуваме дека преку овој проект ќе се зајакне соработката помеѓу институциите и граѓанскиот сектор во насока на поголема инклузија на Ромите во образованието, а со тоа и на пазарот на трудот на подолг рок. Согласно нашите анализи, воочената ситуација од терен и добиените препораки за унапредување на инклузивното образование на Ромите, проектниот тим активно работи на застапување и лобирање кај клучните институции за да се прифатат дел од препораките за изнаоѓање целосно и оддржливо решавање на проблемот со невклученоста на ромските деца во редовниот образовен процес и спречување на процесот на невклучување.