24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Попова: Во ЕУ не се оди со улици и плоштади полни со бездомни кучиња

Ирена Попова, советник во Советот на Град Скопје, денеска во изјава за медиумите упати критики до градоначалникот Петре Шилегов во врска со кучињата скитници.

„Власта на која устата им е полна со ЕУ и НАТО, а чиј претставник е Шилегов, треба да знае дека во ЕУ не се оди со полни улици и плоштади со бездомни кучиња што ги касаат граѓаните, но и туристите, оставајќи негативна слика на секој посетител одделно. Енормно е зголемен бројот на граѓани, кои нападнати од кучињата скитници, се јавуваат во скопските болници“, рече Попова.

Таа додаде дека и покрај тоа што постои програма за заловување и третирање на бездомните кучиња во градот Скопје донесена од Советот, таа не се применува.

Од ВМРО-ДПМНЕ му предлагаат на Шилегов да ги продолжи проектите што ги започнала претходната власт. Во тој прилог, велат од таму, неопходно е зголемување и осовроменување на капацитетот на опремата за заловување како на возилата така и специјална опрема за таа намена. Понатаму, заловените кучиња кај кои е констатирано дека се агресивни веднаш да се заловат и карантински да се третираат пред да бидат вратени. ВМРО-ДПМНЕ порачува изработка на регистар од страна на АХВ на домашни миленици за потоа да се изврши чипирање на регистрираните домашни миленици, а потоа и на кучињата бездомници, со што јасно ќе се разграничи состојбата на континуиран прилив од домашни миленици во бездомни кучиња. Последно во низата препораки е изградба на мини стационари за кучиња во неколку скопски општини, каде што за тоа постојат услови.