14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бесплатно регистрирање на конференцијата за метална и електроиндустрија

На 18 септемви ќе се одржи втората конференција Macedonia Manufacturing Expo (ММЕ), чија цел е промовирање на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија и поврзување на домашните компании од оваа индустрија со странски купувачи, односно овозможување инвеститорите да имаат брз и лесен преглед на синџирите на доставување во секторот.

На годинашнава конференција се очекува учество на 75 домашни и странски компании од автомобилската, металомашинската, индустријата за производство на опрема и други индустрии од овој сектор.

Првата конференција Macedonia Manufacturing Expo, која во организација на Македонската асоцијација на метална и електроиндустрија (МАМЕИ) и со поддршка од УСАИД и владата на Швајцарија беше организирана во 2016 година и даде извонредни резултати. На неа присуствуваа 50 компании од Македонија во својство на доставувачи и 18 компании, од кои 16 странски, во својство на купувачи, меѓу кои и „Сименс“, „Ван Хул“, „АРЦ Аутомотив“, „Кромберг и Шуберт“ и други. Беа организирани и 170 претходно договорени состаноци (B2B), што резултира и со конкретни соработки и договори.

„Macedonia Manufacturing Expo 2018 ќе биде во голем дел подобрено со новите партнерства меѓу МАМЕИ и Германската асоцијација за менаџирање, набавување и логистика на синџири на доставувачите (BME), кои ќе донесат нови купувачи на настанот. BME со 60-годишна традиција и над 9.000 индивидуални и корпоративни членки служи како водечки кандидат за бизнис-спојување во Германија и централна Европа. Оваа соработка ќе овозможи македонските претприемачи од металната и електроиндустријата да се сретнат со претставници на индустрии и бизниси, логистички менаџери и експерти за синџири на доставување, а овие средби може да бидат непроценливи за понатамошниот развој на домашните компании и економијата на земјата во целина. Овие партнерства сигурно ќе ја зајакнат соработката на лесниот преработувачки сектор на Македонија и Германија“, вели Марта Наумовска-Грнарова, претседател на Македонската асоцијација на метална и електроиндустрија МАМЕИ.

Металомашинскиот и електроинженерскиот сектор во Македонија бележи брз развој, со што локалните фирми сè повеќе стануваат соодветни доставувачи за странските купувачи. ММЕ ќе овозможи натамошно проширување на соработката на домашните компании со странските големи фирми и ќе даде придонес македонските компании да станат дел од глобалниот снабдувачки синџир на реномирани странски компании.

Сите компании од лесната металопреработувачка индустрија заинтересирани за Macedonia Manufacturing Expo 2018 може бесплатно да се регистрираат за учество. За повеќе информации и регистрација компаниите може да ја посетат веб-страницaта www.mamei.mk