9.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД отфрлија било каква вмешаност во обидот за атентат на Мадуро

Вашингтон во никаков контекст не е вмешан во инцидентот што се случи во саботата во Каракас, изјави денеска советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, на тој начин отфрлајќи, како што претходно направи и Колумбија, каква било вмешаност во инцидентот што претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, го нарече обид за атентат.

Дронови наполнети со експлозив експлодираа во близина на местото каде што Мадуро држеше говор во саботата, но тој и другите членови на неговиот кабинет, не се повредени.

„Категорично тврдам дека Владата на САД на никаков начин не е вклучена во тој инцидент“, изјави Болтон на „Фокс њуз“.

Николас Мадуро го обвини неговиот колумбиски колега, Хуан Мануел Сантос, како и неименувани платеници од САД дека стојат зад нападот. Други високи државни функционери за инцидентот ја обвинија опозицијата.

„Доколку владата на Венецуела располага со релевантни информации и сака да ги сподели со нас и ако тие навистина упатуваат на евентуална повреда на американското кривично право, ние внимателно ќе ги разгледаме, но во очекување на таквите информации, она на кое навистина треба да се фокусираме е корупцијата и репресијата наметнати од страна на венецуелскиот режим“, посочи Болтон.

Претходно, и колумбиската влада ги отфрли обвинувањата упатени од страна на Мадуро, нарекувајќи ги апсурдни.

„Апсурдно и неосновано е да се каже дека колумбискиот претседател е одговорен за наводниот обид за убиство на претседателот на Венецуела“, изјави колумбиското Министерство за надворешни работи.

Мадуро за т.н. обид за атентат го обвини Сантос, чиј претседателски мандат завршува во вторник.

„Не се сомневам дека зад обидот за атентат стои името на Хуан Мануел Сантос“, рече Мадуро, кој верува дека во обидот за негов атентат се вклучени и луѓе кои живеат во САД.

Колумбискиот претседател Сантос подолго време води меѓународна кампања против владеењето на Мадуро кого го смета за диктатор.

Спонзорирано: