11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

,,Но пасаран” стравува дека скопјани можат да останат без парно греење

Здружението за заштита на граѓанските права ,,Но пасаран”, кое присуствуваше на работните групи за формирање на цените во новата грејна сезона 2018-2019 , изразува загриженост дека е можно остварување на сценарио со кое скопјани можат да останат без парно греење.

,,Според тековната економска, дневно-политичка и должничка ситуација, како и судските процеси, компаниите, врзани садови, Те-То, Топлификација и БЕГ од септември многу веројатно ќе одат во стечај. Доколку на почетокот на оваа грејна сезона му се дозволи на ‘Балкан енерџи снабдување ДООЕЛ’ авансно да наплатува за август и септември, БЕГ овие средства од граѓаните нема да ги искористи за набавка на гориво, развој и санација туку за враќање долг спрема Топлификација АД.

Град Скопје со формирањето на Градски енергетски системи по добивање на лиценците од РКЕ ќе ги преземе дистрибуцијата и снабдувањето, но бидејќи парите на граѓаните ќе бидат потрошени, ќе се јави недостиг од средства за купување гориво за производство на топлинска енергија. Овој минус ќе мора да го покрие Град Скопје, Владата или скопјани. Затоа ја предупредивме РКЕ да преземе дополнителни гаранции против ова сценарио”, се наведува во соопштението.

,,Но пасаран” ја поздравува новата определба за намалување на давачките на граѓаните преку намалување на сметките за топлинска енергија, намалување на признаените трошоци на компаниите, намалување на маржите, како и намалување на паушалот сè додека не се донесат новите правила за снабдување. Исто така, ја поздравува и отвореноста на новиот состав на РКЕ и поканата за учеството на граѓанскиот сектор во носењето на новите правила за снабдување со топлинска енергија и тарифникот со кои конечно ќе се укине наплатата на ангажираната моќност за исклучените граѓани и дополнително ќе се намалат сметките за вклучените граѓани во системот.

На барањето на БЕГ да му се признаат дополнителни трошоци поради резервите на мазут, ‘Но пасаран’ смета дека тоа е непотребно бидејќи резервите од минатата грејна сезона БЕГ не ги потрошил поради 98% греење на гас. Тие велат дека реагирале и на нелогичностите во предложените табели на БЕГ и побара од РКЕ дополнително да ги анализира.

,,Бараме од РКЕ во најкраток рок да ги предложи и донесе новите правила за снабдување и тарифникот. Бараме од Град Скопје да ги преземе дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија, додека во производството што повеќе да е присутна државната ЕЛЕМ енергетика. Бараме дистрибутивната мрежа да му се врати на Град Скопје, како и контролата на производствените погони на Топлификација.Сите овие барања се во насока на давање квалитетна и поевтина услуга кон граѓаните со кои повторно ќе се стекне и довербата кај исклучените граѓани”, се додава во соопштението.