8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Обвинителството оформи предмет за грантовите од Фондот за иновации

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој.

„Обвинителството презема дејства за утврдување факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамките на третиот столб од планот за економски раст – прв инвестициски бран“, сооопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Повикот за поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој ја разбранува јавноста кога медиумите објавија дека фирма на пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, добила грант од 10 милиони денари преку печатницата ,,Гинис“ од Прилеп, чиј косопственик е пратеникот од СДСМ. На повикот бил одобрен проект и за фирма во која малцински сопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев и таа ќе земе 160.000 евра од државата како поддршка.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, чии фирми во содружништво со други добија грантови од овој Фонд, по реакциите од јавноста, ги повикаа да се откажат.

По бурните реакции во јавноста за доделените грантови, од Фондот за иновации и технолошки развој вчера соопштија дека немаат мандат, ниту обврска да вршат анализа на сопственичкиот капитал на компаниите што аплицираат ниту, пак, да вршат процена на нивната политичка подобност. Од таму велат дека целосно стојат зад процедурата и, како што велат, транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од столбот 3 на планот за економски раст на Владата.

„Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега, остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми што се поставуваат во јавноста“, се вели во сооппштението на Фондот.